ВестиМакедонија

ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДАТА „ГОЦЕВА МИСЛА“ ЗА 2026 ГОДИНА: ЗОРИЦА МИТРОВИЌ И ПЕТРЕ ДИМОВСКИ

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија Презент“ ги соопштува добитниците на меѓународната награда „Гоцева мисла“ за 2026 година, која традиционално се доделува во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, и на неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Наградата „Гоцева мисла“ е високо признание што се доделува на личности кои со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите.

Досега, меѓу добитниците на наградата „Гоцева мисла“ се бројни истакнати автори, преведувачи, уметници и културни работници од различни земји, меѓу кои се: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија), Звонко Танески (Словачка), Волф Ошлис (Германија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сабахудин Хаџиалиќ (Босна и Херцеговина), Лилјана Јанаќковиќ (Србија), Ресул Шабани (Македонија), Суат Енѓулу (Турција), Елка Наголова (Бугарија), Ристо Василевски (Србија), Кирил Темков (Македонија), Жан-Патрик Конрад (Франција), Зафир Хаџиманов (Србија), Вања Ангелова (Бугарија), Миле Топуз (Македонија), Васил Тоциновски (Македонија), Бајрузин Хајро Плањац (Босна и Херцеговина), Олга Лалиќ – Кровицка (Полска), Јордан Плевнеш (Македонија), Виктор Радун (Србија), Ана Багрјана (Украина), Ристо Лазаров (Македонија), Ненад Шапоња (Србија), Родољуб Ќориќ (Црна Гора), Јон Деаконеску (Романија), Зоран Пејковски (Македонија), Никола Шимиќ Тонин (Хрватска) и други истакнати културни фигури од Балканот, Европа и пошироко.

Добитници за 2026 година се Зорица Митровиќ од Белград (Србија) и Петре Димовски од Битола (Македонија).

На Зорица Митровиќ наградата и се доделува за личниот придонес и животното дело во афирмацијата на македонската култура и идентитет во дијаспората.

Поточно, наградата „Гоцева мисла“ ѝ се доделува на Зорица Митровиќ за нејзиниот исклучителен личен придонес и животно дело во афирмацијата, зачувувањето и развојот на македонската култура, јазик и национален идентитет во Република Србија.

Како претседателка на Здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, Зорица Митровиќ одигра клучна улога во градењето на Здружението како современа и активна културна платформа, која покрај организацијата на традиционални манифестации, реализација на литературни, музички и уметнички проекти, активно придонесува за креативниот развој и меѓукултурната соработка помеѓу културните чинители и институции во регионален и меѓународен контекст. Таа денес е претседател на Националниот совет на Македонците во Србија.

Нејзиното институционално раководство и нејзиниот личен ангажман и визија се одликуваат со доследност, организираност и поширок општествен одѕив, а нејзиното дејствување е пример за постојана посветеност на културното јадро на македонската заедница во дијаспората. Нејзиниот ангажман претставува редок пример на долгорочна, систематска и визионерска работа во полза на македонската заедница, но и на поширокото мултикултурно и мултијазично општество.

На Петре Димовски наградата му се доделува за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература.

Поточно, наградата „Гоцева мисла“ му се доделува на истакнатиот македонски писател Петре Димовски за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво кое остава трајна трага во македонската културна историја.

Тој е автор на повеќе од педесет дела – меѓу кои 21 роман, 17 збирки раскази и 7 драмски и монодрамски дела. Димовски со својот книжевен стил, тематска длабочина и континуирана творечка енергија го збогатува македонскиот книжевен канон. Неговата книжевна продукција е предмет на анализи, студии и обработки, а тој е овенчан со бројни награди и признанија, меѓу кои се: „Стале Попов“, „Ванчо Николески“, „4 Ноември“, „Прозни мајстори“, „Живко Чинго“, „Тренд“, „Вермилион“, „Крсте Чачански“ и други. Воедно, значаен е неговиот културен придонес како основач, уредник и организатор на книжевни иницијативи во Битола и поширокиот регион.

Со овие доделувања, наградата „Гоцева мисла“ – која веќе ги има наградувано бројните истакнати личности од медиумите, културата и книжевноста – ја потврдува својата улога како едно од позначајните признанија за афирмирање и унапредување на македонската мисла, јазик, писмо, култура и уметност во современиот глобален контекст

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button