Македонската држав на 8 септември оваа година го одбележува својот 32 роденден, ја одбележува 32-годишнината од одбележувањето на вековниот сон на македонскиот народ за самостојан и независна држава, ослободена од стегите, притисокот и нападите на сите оние кои одбиваа, но и сеуште одбиваат да ја прифатат реалност за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик и културна посебност.
Но нештата се уште не се сработени онака како заслужува еден современ и европски народ каков е македонскиот. Македонската држава, иако одамна го помина своето полнолетство, сеуште се соочува со суштински проблеми кои значајно влијаат кон подоброто утре за македонските граѓани и за македонскиот народ. Македонската држава денес, на 32-годишната од својата независност повторно мака мачи со секојдневните внатрешни, но и надворешни проблеми. Бугарските власти продолжуваат да ја оспоруваат европската интеграција на македонската држава, негирајќи го постоењето и на македонската историја, и на македонската култура, и на македонската нација и на македонскиот јазик. Од другата страна, од внатрешната, македонската држава мака мачи со корумпираните политичари и неефикасните и неефективни институции кои секојдневно претставуваат вистински предизвик за секој обичен македонски граѓанин. И така македонската држава и македонскиот народ се наоѓаат во еден сплет на предизвици, внатрешни и надворешни, војувајќи ја војната за одржливоста на својата држава и нација.
Всушност позитивните трендови во македонската држава никогаш не блеснаа со својот сјај. Таму маките се секојдневни, а проблемите станаа начин на живеење. Па така, постарите го преживуваат денешниот и утрешниот ден, додека пак младите, со горчлива уста заминуваат од својата татковина ветувајќи си самите на себе дека и нивните потомства ќе ги научат македонски јазик, дека ќе ги водат во македонската држава, дека ќе им ги покажат корените и местата од каде што потекнуваат.
Ама прашањето кое вечно ќе остане неодговорено? Каква тогаш ќе биде таа македонска држава во која македонскиот народ заминал, во која македонскиот народ станал дијаспора која ги посетува своите вековни огништа само за време на летните одмори и божиќните и велигденските празници. Е овде е суштината. Кога ќе одговориме на ова прашање, ќе ја зачуваме и македонската држава.
А сега, сега можеме само да им го честитаме празникот на целиот македонски народ, на сите македонски граѓани и да им порачаме дека политичарите не се нивни лидери, туку само политички профитери кои доаѓаат и си заминуваат – без никаков посебен интерес за добробитот на нацијата, народот, граѓаните, а со тоа и за добробитот на државата.
Нека е среќен роденденот македонска држава, да го славиш уште долги години како држава со вековна традиција, ама и млада, свежа и просперитетна иднина, затоа што без свежите и нови генерации кои ќе те негуваат и она вековното што го поседуваш ќе избледи!