На Фестивалот на авторскиот филм во Белград беа прикажени два македонски филма – ,,Кино Љубов“ на Јани Бојаџи и ,,Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска.
– „Кино Љубов“ е авторски филм и навистина му е местото на овој фестивал. Среќан сум што имаме можност вечерва да го покажеме пред белградската публика. Овој филм има своја историја. Пред 15 години беше во вид на театарска претстава, а во време на ковид кризата, кога уметиците немаа можност да работат, се роди идеја да направиме филм. „Кино љубов“ е филм создаден со љубов и труд на целата екипа. Во наредниот период планираме да организираме македонска премиера на овој филм – истакна Јани Бојаџи сценаристот и режисерот на филмот.
Како изгледало снимањето на овој филм откриваат и актерите.
– Начинот на кој што го снимавме филмот беше многу интересан. Филмот се састоји од два дела. Јас играм во првиот дел со мојот колега Дејан Лилиќ. Парчето трае околу 40 минути и се е снимано во еден кадар, што значи дека самиот процес на проби беше многу напорен, ама и многу научивме од тој начин на работа. Задоволство е да се биде вечерва овде во Белград, вели Јелена Жугиќ.
– Ова беше процес кој малку наликува на театар, а не е театар. На пробите мораше да се знае секоја позиција, буквално беше се пресметано. Многу интересни карактери и многу интересна тема, се надевам дека ќе допре до публиката, вели Роберт Ристов.
И најновото остварување на Теона Стругар Митевска „Најсреќниот човек на светот“ прикажан е истата вечер на Фестивалот. Овој филм е годинешниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм”.
– Многу ми е важно овој филм да биде виден на сите простори од бивша Југославија, а посебно во Србија. Филмот збори за тоа како е да живееш во војна, а сите нас во поранешната Југославија војната не погоди, не рани. Вакви филмови покренуваат разговори. Мораме да дебатираме, да разговараме за тоа што ни се случило и само преку отворен разговор можеме да создаваме иднина – изјави Митевска.
Овој филм премиерно е прикажан на престижниот филмски фестивал во Венеција, а веднаш потоа и на International Film Festival во Торонто.
Фесивалот на авторскиот филм (ФАФ) кој се организира по 28 пат во Белград, ќе трае до 2 декември, а повеќе од 70 филмски приказни се прикажуваат во Југословенската кинотека и МТС двораната (бивши дом на синдикатите).