БлогВестиМакедонија

Да ли Република Македонија го оди најдолгиот или најспориот пат кон Европската унија?

Уште од стекнувањето на својата независност македонските политичари се обединија околу двете, како тие ги нарекуваат, клучни надворешно-политички интереси, зачленувањето во Европската унија и НАТО. Ама и покрај тоа таканаречено усогласување околу надворешните политички интереси, сепак тие исти политичари во последните триесетина година го искористија секој добар момент да ги злоупотребат за внатрешно-политички натпреварувања.

И така се почна со грчко-македонскиот спор околу уставното име на Република Македонија. Едните велеа дека цврсто го чуваат од опасноста „Грците да ни го земат“, додека другите велеа дека првите и не знаат како се заштитуваат македонските национални атрибути, а во меѓувреме и едните и другите беа свесни дека нешто мора да се промени и дека Скопје секако еден ден ќе мора да оди чекор назад. Ама тоа прашање одлично послужи во политичките кариери на одредени македонски политичари полни 27 години. Години во кои Република Македонија од лидер кон евроатлантскиот пат остана на „последното седиште“, додека пак бројни македонски политичари и од едната и од другата страна создадоа успешни кариери за на крајот сепак да дојде до додавање на географска одредница во името, а од друга страна и едните и другите политичари да „перат раце“. Едните демек тоа го чинеле за доброто на народот, за евроатлантската перспектива, додека другите демек не биле прашани, ама ете сега тоа било реалност.

И што се случи, точно е дека Атина је повлече блокада за зачленување во НАТО, ама сепак Скопје не тргна така забрзано, а како беше ветено, на патот кон Европската унија, кон големиот европски и перспективен пазар за македонските компании, за македоните производи, но и за македонските граѓани спремни раме до раме да се натреваруваат со своите европски сограѓани.

Одеднаш се појави спорот со Бугарија, околу идентитетот на македонската нација, околу корените на македонскиот јазик, околу, како софиските експерти велат, заедничката историја на Македонија и Бугарија. Таман кога македонскиот народ помисли дека се е завршено, дека штом Атина ја повлече блокадата се ќе оди напред, се појавија „старите“ македонски пријатели Бугарите, од една страна тврдејќи дека апсолутно го подржуваат европскиот пат на Скопје, додека од друга страна велејќи дека Македонија нема ниту пристапни преговори со ЕУ да започне додека не ги реши споровите со Софија. Всушност додека не прифати дека Македонците и Бугарите имале заедничка историја, дека Бугарите за време на Втората светска војна не биле окупатори, туку администратори на територијата на денешна Македонија, па се дотаму дека Гоце Делчев бил Бугарин, а не Македонец како досега учеа милиони млади Македонци.

И одеднаш проблемите станаа големи како планина, поголеми дури и од оној спор кој веќе народот и го заборави со Грција. Од 2017 година па наваму датумот за почеток на преговори со ЕУ во континуитет се одолговлекува, додека софиските власти храбро им порачуваат на своите македонски колеги – „патот кон ЕУ ви е преку Софија“.

Така стигнавме до минатогодишните локални избори во Македонија кои испадна дека имаат големо национално значење. Па така поранешниот премиер Зоран Заев лошиот резултат на владеачката коалиција го оцени не само како пораз заради лошите локални политики, туку и како пораз на националната политика која ја водела неговата влада. А во истата констатација согласност доби и од опозицијата, само што не се договорија за предвремени избори, затоа што владеачката коалиција уште еднаш успеа да се договори и формира ново мнозинство, малку пошироко, истовремено натегнато, ама можеби доволно да се задржи власта уште некој период или додека се не потпише макар нешто со Софија, па после слободно да можат и да се фалат дека за време на нивниот мандат се дошло конечно до почетокот на преговорите за пристапување со ЕУ.

Ниту еден владин функционер не пропушти прилика да каже дека никој не преговара за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, дека тие се заштитени, ама новоизбраниот бугарски премиер веќе јавно кажа дека е договорено заедничко чествување на датумот на раѓањето на Гоце Делчев. Само уште не е прецизирано дали тоа значи дека Скопје ја прифатило бугарската теза дека Делчев е Бугарин кој живеел на територијата на географска Македонија или станува збор само за привремен политички договор кој ќе ги остави историчарите на страна, додека пак прашањето за националната припадност на Делчев ќе избледе некаде во кулоарите на политиката.

Всушност од ова излегува дека македонскиот пат кон ЕУ е исклучиво детерминиран од надворешните политички прашања. Дека споровите со Софија и Атина биле клучни бариери на Република Македонија и нејзиното зачленување во ЕУ. Ама реалноста, односно вистината се на другата страна. Само што сеуште е рано тоа да се види. Тоа ќе биде видливо тек после „решението“ помеѓу Скопје и Софија. Кога одеднаш таканаречените Копенхагеншки критериуми ќе се појават „пред очите“ на Скопје. Кога уште еднаш македонските политичари не ќе можат да ја излажат македонската јавност дека само споровите со Бугарија и  Грција се клучен проблем на патот кон ЕУ. Дури тогаш и македонските граѓани ќе ја видат тешката реалност. И сето она што ги мачи. Од корупција, преку политички клиентелизам, па се до криминал од највисоко до најниско ниво на власта. Дури тогаш секој еден Македонец ќе разбере колку е голиот патриотизам само алатка во рацете на политичарите, а всушност колку доброто функционирање на системот сведочи за вистински патриотизам, за идеал кој секој ден го доживува секое развиено општество. И тоа преко одржлива економија, стабилни и независни институции, успешна и предвидлива иднина на младите. Сето тоа е далеко од Македонија и од македонските граѓани, а далеку е и зачленувањето во ЕУ. Кога ќе се стигне дотаму, тогаш ќе се почуствува и вистинскиот „мирис“ на патриотизмот, не оној на билбордите и во политичките памфлети, туку оној во успешниот живот на секој еден Македонец.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button