Војната во Украина отвори многу прашања, за кои современото општество, барем во географскиот регион Балкан, ги има подзаборавено. Овде прашањето за економска одрживост во најголем дел беше насочено кон националните власти. Па така политичките лидери во државите на балкансиот регион најчесто беа клучни виновници за лошите економски услови и за свеприсутноста на сиромаштвото. И тоа не е невистина, всушност тоа е и вистината, политичката елита беше таа која ги креираше економските предуслови за развој, па така и сиромаштвото, како последица на нивните „капацитети“ во водење на една држава.
Меѓутоа денес нештата се по многу што променети. Денес и не толку битно колку си добар политичар на Балканот, ако економските текови се детерминирати однадвор, во овој случај како последица на украинската војна. И навистина би било нефер да се обвинуваат локалните политичари за било каков неуспех, ако сето ова што ни се случува последните месец дена не успеаа да го предвидат ниту врвните политички елити во Германија, Франција, САД или Канада. Ист е случајот и во македонската држава. Ама, од друга страна, тоа никако не треба да биде оправдување за македонските политичари, затоа што ако нешто не успеале да предвидат, па да делуваат превентивно, тогаш барем мораат да го дадат својот максимум како би ги „менаџирале“ новонастанатите околности.
Ама како што стојат работите ништо посебно не се презема, додека, од друга страна, македонскиот народ тивко си молчи, како и секогаш до сега. Цените на горивата растат, цената на основната храна расте, дури и покрај владините мерки во Скопје за укинување на ДДВ-то ништо значајно не се променува – македонскиот народ и понатаму осиромашува, додека, барем до сега, никој не го поставува прашањето, а што ќе се случува со македонскиот извоз.
Големите инвеститори и компании се почесто се соочуват со недостиг на ресурси во производните процеси, финансиските трансакции на меѓународниот пазар се во огромни турбуленции, додека пак набавката на производни ресурси, пред се оние примарните, оние кои баш доаѓаа од Русија и Украина, оди се потешко, скоро па никако.
Ама нели битно е дека македонската држава се придружи кон санкциите на европските партнери и НАТО сојузници. Битно е дека македонската држава застана „раме до раме“ со своите европски пријатели, кои толку многу ја посакуваат, ама ете, никако да ја приклучат кон семејството. Кому му е гајле како функционираат производните капацитети, дали им недостасуваат ресурси, кому му е гајле каде ќе се извезуваат македонските земјоделски производи, кои и онака скоро па и да ги нема, и на крај на краиштата кому му е гајле како живее македонскиот граѓанин, кога и онака е навикнат на сиромаштво, на гориво од две евра, на цена иста како и на развиениот Запад.
Битно е само да се биде во тренд. И додека некои соседни држави „со ноќи не спијат“ барајќи алтернативни патишта за снабдевање со енергенти, но и со ресурси, македонските власти се занимаваат со тоа како одат преговорите околу „заедничката историја“ со Бугарија. И додека властите во Софија мака мачат да се ослободат од руската зависност на гас и да се договорат со Азербејџанците, овие во Скопје очекуваат само датум за преговори – како да е тоа нешто што ќе ги смени работите, како да е тоа нешто што ќе ги нахрани македонските граѓани. Како велат народите – да не e трагично, би било смешно.
И како после некој сериозно да ја разбере македонската држава? Како некој однадвор навистина да поверува дека таа земја има капацитет и снага за одрживост – кога нејзините политичари, оние најродените, секојдневно го докажуваат спротивното. И не само тоа, тука и во „воздух лебдад“ спремни војно да ја потпомогнат Украина, затоа што македонската војска е толку јака, уште тоа и недостасува – да биде нечија подршка, потпора.
И тука воопшто нема место за македонскиот народ, освен кога се во прашање изборите. Тој и онака сите овие триесет години независност претставува нем посматрач – нем посматрач на своето секојдневие, на својата сопствена трагедија.