Македонските политичари, ако анализираме од моментот на стекнување на македонската државност, која е веќе подолга од триесет години, претставуваат синоним за прилагодување во однос на околностите. Меѓутоа не можеме секогаш да генерализираме. Секогаш постоеле и политичари кои одржувале цврст став во однос на некои национални прашања.
Како не така славен пример можеме да го споменеме поранешниот премиер Никола Груевски кој ја изгуби власта во македонската држава како последица на бројните аномалии во неговото владеење, ама кој во еден од своите последни обраќања рече дека е политички маргинализиран и изолиран баш заради неговиот тврд став кон тогаш сеуште актуелниот спор за промена на името на држава, како и во однос на бугарското прашање. Ама нашата цел не е да анализираме како и зошто Груевски ја изгуби 11-годишната власт во македонската држава, туку да утврдиме кој од актуелните политичари водат колку-толку транспарентна политика кон одредени прашања кои директно ја засегаат македонската нација во македонската држава.
Конкретно прашањето се однесува на спорот со бугарската држава која традиционално одбива да го признае постоењето на македонската нација, на македонскиот јазик, на автентичноста на македонската историја. И тоа прашање постои веќе триесет години во различни етапи. Од тоа дека македонците се политички формирана нација од страна на неприкосновениот лидер на СФРЈ Јосип Броз Тито, па се до тоа дека современите македонци во тоталитаристички манир ја фалсификуваат својата национална историја и јазик, присвојувајќи ја истовремено бугарската историја и јазик.
И сега кога веќе бугарската држава не може да ги убеди македонските соседи дека се бугари кои зборуваат бугарски јазик и имаат бугарска историја, Софија одлучи да ја искористи својата компаративна предност како членка на Европската унија, па така да ја блокира европската интеграција на македонската држава испорачувајќи бројни барања почнувајќи од менување на историските учебници, вметнување на македонските бугари во македонскиот Устав, па и до тоа во Скопје да се регистрираат бугарски невладини здруженија на граѓани од бугарска националност кои ги носат имињата на истакната бугарски политички лидери со докажо фашистичко минато.
Меѓутоа, на сите овие прашања политичките лидери во македонската држава најчесто молчат, евентуално ќе изнесат некој неодреден коментар, но никогаш цврсто како претседателот на држава Стево Пендаровски не настапуваат. Токму тој е всушност „тврдиот орев“ во однос на бугарското прашање кој транспарентно и без „влакно на јазикот“ го кажува она што би требало да биде платформа и на секој друг македонски политичар. Токму тој одбива протоколарни средби со бугарскиот колега Румен Радев баш заради ставовите на Софија во однос на македонското прашање. Токму тој одбива било каков компромис со официјална Софија кој директно би го загрозил идентитетот, посебноста и историјата на македонскиот народ, јазик, историја и традиција. Ама во сето ова е само тој.
За разлика од другата страна. За разлика од Софија во која мнозинството на политичката елита дели исти ставови во однос на македонското прашање. Ама тоа никогаш не бил случај во македонската држава. Затоа што и тие клучни прашања се искористуваат, поточно злоупотребуваат за дневни политички поени.
И да заклучиме, овој текст не го пишуваме за да го фалиме Пендаровски и неговата политика кон бугарскиот спор. Туку како лекција за македонските политичари, барем во некои основни работи да имаат заедничка платформа, барем во некои основни работи да имаат разбирање за државните интереси, националните интереси, интересите на своите граѓани.