Втор „Фолклорен фестивал на македонското малцинство“ во Тирана
Во организација на Македонското друштво “Илинден“-Тирана а со поддршка на Министерството за култура на Република Албанија, во Амфитеатар Тирана (Голем парк на вештачко езеро во Тирана) синоќа се одржа вториот “Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија“. Многубројната публика со посебно внимание ги проследи и настапите на Македонска фолклорна група од Голо Брдо (Македонски традиционални ора од областа Голо Брдо), Македонска фолклорна група од Мала Преспа (Македонски традиционални ора од областа Мала Преспа), Македонска фолклорна група од Гора (Нибет и Македонски традиционални ора од областа Гора) и Театарот “Скрб и утеха” од Скопје, Македонија.
Македонскиот фолклор бил создаван и траел со векови. Тој ни овозможува да разбереме кои сме ние. Познавањето на фолклорот значи познавање на сите духовни и материјални богатства на народот.Живот на еден народ е претставен преку традиционалните носии, обичаите, ритуалите, приказните. Но, несомнено најмоќните, најизразените и најприродните алатки кои човекот никогаш не ги напуштил без оглед на времето, местото и возраста се народните песни и ора. Сценската изведба на народната музика создава нови културни перспективи. Токму со овој фестивал, се отвора можност за презентација на изворни и автентични содржини,-рече Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана.
Тој посочи дека фестивалот не само што се одржа за првпат,туку за првпат една ваква манифестација е подржана од страна на албанското министерство за култура до кое упати голема благодарост за подршка, со убедување дека подршката ќе продолжи и фестивалот ќе стане традиционален.
Покрај Македонци кои живеат во Тирана, како и од други делови на Албанија, на манифестацијата присуствуваа и проф. д-р Данчо Марковски, амбасадор на Република Македонија во Тирана, Република Албанија, Златко Ориѓански, директор на Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, Република Албанија, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тиранa, Незир Меча, потпретседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Ули Халилај, потпретседател на Македонско друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо, Елса Џелили, координатор на Македонското друштво “Илинден” за Округот Елбасан.