Изложбата на акварели насловена како „Тајниот сончев код“ на тетовската уметница Ивана Настески беше отворена вчеравечер во галеријата ДивАрт во Белград. Таа се претставува пред белградската публика со 18 дела.
-Изложбата ја отвори историчарката на уметност Весна Тодоровиќ. Акварелот како техника подразбира брзина, но и умеење низ разлеаните тонови и бои да се создаде една целина. Тематиката беше посветена на Шар Планина и на Охрид, информираше авторката.
На изложбата присуствуваа голем број членови на Здружението “Македониум” од Белград.
Изложбата ќе биде отворена до 16 септември. Ивана Настески е родена 1981 година во Тетово. На Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје во 2004 има дипломирано на одделот графика, а во 2009 и магистрирала на одделот графика и графички техники.