ВестиКултураМакедонијаМакедонци во светот

Белград се поклони пред делото на Љубиша Георгиевски: Успешно реализирана филмска ревија

Во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград – Допир на Македонија“, на 2 и 3 јуни 2025 година, здружението „Македониум“, со поддршка на македонската Кинотека и Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, успешно организира филмска ревија во чест на Љубиша Георгиевски – истакнат театарски и филмски уметник, културен деец и амбасадор, кој остави длабоки траги во македонската и балканската културна сцена.

Ревијата се одржа во кино салата на Етнографскиот музеј во Белград и понуди ретроспективен увид во неговото богато филмско творештво. Публиката имаше можност да ги проследи кратките филмови „Кој век минува надвор, деца“ (1975), „Патека“ (1967), „Хераклеа“ (1974) и „Не“ (1966), како и дигитално обновените верзии на играниот филм „Републиката во пламен“ и долгометражниот филм „Цената на градот“ (1970).

Како посебен акцент на програмата, на 3 јуни, пред проекциите, се одржа воведна рефлексија од филмската режисерка Лидија Вељанова, која говореше за значењето на Георгиевски во македонската кинематографија, театар и културна меморија. Таа ги нагласи неговите уметнички и интелектуални дострели, како и неговата улога како мост помеѓу културите – особено во Белград, каде што Георгиевски дејствуваше и како амбасадор на Република Македонија.

Настанот беше добро посетен и топло прифатен од страна на публиката, составена од љубители на филмот, уметници, претставници на институции и припадници на македонската заедница во Србија.

Модераторките Ана Марија Лазовиќ и Искра Пенева истакнаа дека со оваа ревија, Здружението „Македониум“ уште еднаш покажа дека културната меморија и афирмацијата на македонското творештво имаат цврсто и достоинствено место во Белград. Воедно, беше оддадена заслужена почит на еден од најзначајните творци во историјата на македонската култура – Љубиша Георгиевски.

Со овој настан беше и затворена овогодинешната манифестација Денови на македонската култура во Белград.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button