ВестиМакедонци во светот

Безвременскиот научен и хуман придонес на Охриѓанецот д-р Атанас Коцарев во Париз

Пишува: Георги Гоце ДУРТАНОСКИ; Фотографии: Дарко КИТАНОСКИ

Во организација на здружението „Заборавени Македонци„ и со присуство на високи претставници на градската власт од општината Бонди во Париз и претставници на семејството Пинел на 27. март (недела) беше одржана комеморација и одбележана 91 година од смртта на македонскиот научник и општественик, д-р Анастас Коцарев.

Панихида за познатиот македонски доктор од Охрид отслужи отец Даниел Стојчевски, свештеник во МПЦО „Св.Кирил и Методиј„ од Париз, а присутните оддадоа почит и на вереницата на д-р Коцарев – Сесил Пинел и положија венец на нивната заедничка гробница.

На комеморацијата присуствуваше и госпоѓа Женевјев Бруне, ќерка на Сесил Пинел како единствен потомок и претставник на семејството кое дало несомнено најголем придонес д-р Анастас Коцарев да биде погребан во нивната семејна гробница и со тоа гробот да биде сочуван до ден-денес.

Вечното почивалиште на д-р Анастас Коцарев во Париз

Претседателот на здружението „Заборавени Македонци„ г. Златко Николовски во своето излагање приказната за д-р Анастас Коцарев и Сесил Пинел ја спореди со „достигнувањата на нивните современици и соработници Пјер и Марија Кири и четиригодишниот период од нивната врска бил полн со надежи за нивната иднина. По волја на судбината смртта ги разделила и таа повторно ги споила овие двајца главни ликови на денешното чествување кои почиваат овде, во иста гробница„ – рече Златко Николовски.

Делегацијата од француска страна ја сочинуваа: градоначалникот на општина Бонди и член на Парискиот регионален совет г. Стефен Ерве кој беше придружуван од советникот за култура и одбележување настани г. Отман Асади и госпоѓа Ани Гито, менаџер за политички односи во општината.

Градоначалникот г. Стефен Ерве зборуваше за важноста на д-р Коцарев и неговиот придонес во областа на медицината не само во Франција туку воопшто за човештвото.

„Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го спојува на тесна соработка со Марија Кири-Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Д-р Анастас Коцарев бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Таа човечка величина и тој научен придонес почива овде, во нашата општина„ – подвлече градоначалникот на Бонди, г. Стефен Ерве, поставувајќи го делото на д-р Коцарев на највисок пиедестал во општината Бонди.

д-р Анастас Коцарев (со своерачен потпис)
фотографиран во 1926 година во Женева, Швајцарија
Приватна збирка на семејството Коцареви, Охрид, Македонија

БИОГРАФИЈА НА Д-Р КОЦАРЕВ

Анастас Коцарев (француска транслитерација: Anastas Kotzareff) е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, Французинката Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно, под неразјаснети околности починал на 28. март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум.

Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).

Според исказите на голем број негови колеги-современици од тој период д-р Анастас Коцарев своевремено бил најблиску до Нобеловата награда за медицина. Неговата ненадејна смрт во Париз ги попречила сите негови истражувања и успеси.

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко „Друштво на Македонците за независна Македонија„, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button