Бектеши и Ѓедовиќ потпишаа Меморандум за соработка во рударството и енергетсиката помеѓу Македонија и Србија
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерската за рударство и енергетика на Србија Дубравка Ѓедовиќ, во рамките на посетете на Белград, потпишаа Меморандум за соработка во рударството и енергетиката помеѓу Македонија и Србија.
Целта на овој меморандум е проширување на заедничките активности на Македонија и Србија во областа на рударството и енергетиката во обострана корист.
Со Меморандумот двете држави се обврзуваат да спроведуваат активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата во согласност со националното законодавство на нивните земји и принципите на меѓусебно почитување и уважување, особено користејќи ги придобивките од меѓусебните односи кои произлегуваат од меморандумот потпишан во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ и овој меморандум.
Соработката меѓу Македонија и Србија во областа на рударството ги вклучува: поттикнување на инвестициите на двете земји во областа на геолошките истражувања и експлоатација на минерални суровини и геотермални ресурси, иницирање и поттикнување на меѓусебна соработка на институциите и деловните субјекти од областа на геологијата и рударството со посебен акцент на почистите технологии и одржливиот развој, размена на информации и искуства за законските решенија од областа на геологијата и рударството како и нивната примена, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, размена на експерти и професионални искуства од областа на геологијата и рударството.
Соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката ги вклучува поттикнување и поддршка на заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење на капацитети за користење на обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на страните, поттикнување на заедничко научно и технолошко истражување во областа на новите почисти технологии, особено оние кои се однесуваат на производството и употребата на зелен водород, размена на информации за нормите што ја регулираат областа на енергетиката, организација на заеднички семинари, конференции, тркалезни маси и форуми за обуки и развојни програми од областа на енергетиката, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, поттикнување, креирање и подобрување на деловните односи и директна соработка на развојот на конкретни проекти меѓу деловните субјекти кои ги именуваат страните од областа на енергетиката.