ВестиКултураНајави

Документарецот „Повлекување“ на Анабела Ангеловска на Мартовскиот фестивал во Белград

Германско-македонскиот филм „Повлекување“ на Анабела Ангеловска ќе биде прикажан на Мартовскиот фестивал во Белград, во петок 31 март од 21 часот во Домот на младина (сала Американа), во рамките на категоријата меѓународен документарен филм.

Во „Повлекување“ (кој светската премиера ја имаше на Берлинале минатата година), режисерката и сценаристка Анабела Ангеловска паралелно обработува 2 комплексни теми за кои во домашната кинематографија (а и генерално, во нашето општество) недостасува свесност и дискусија: пост-трауматското стресно нарушување како речиси неизбежна последица врз печалбарите во воени подрачја и ужасните ефекти кои глобализацијата ги има врз малите места. Во оваа документарна студија на случај, Ангеловска го користи Куманово како централна нишка околу која се испреплетуваат судбините на десетина граѓани (и нивните семејства) кои работеле и по 14 часа во Авганистан и Ирак, за потоа платите да ги инвестираат во нови бизнис идеи, скапи автомобили и луксузни, но најчесто празни куќи (од локалците наречени според државата во која парите биле заработени, на пр. Ирачанка, Авганистанка).

Есеистичкиот пристап гради широка слика за ефектот кој индивидуалните одлуки за потрага по подобро утре го имаат врз најблиските и родниот град, а можноста за флешбек на прогонувачките сеќавања и мрачните сцени кои ги доживеале некои од протагонистите постојано лебди во воздухот. Сепак, како што социјалните норми тоа го налагаат, проблемите со менталното здравје по работата во воени зони, кои се очекувани и многу нормални, протагонистите ретко ги нарекуваат со вистинското име и почесто одбираат да кружат околу темата со двосмислени описи кои ја намалуваат нивната тежина. Ангеловска мудро одбира да ја „преврти“ сликата и да ги прикаже работите онакви какви што се, без „шминкање“ на реалноста. 

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button