ВестиКултураНајави

Во Белград проекција на реставрираната верзија на првиот македонски игран филм „Фросина“

Во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград, „Допир на Македонија“, во организација на здружението „Македониум“ и во соработка со кинотеките од Македонија и Србија, ќе биде претставена реставрираната верзија на првиот македонски игран филм „Фросина“. Проекцијата ќе се одржи во понеделник на 29 мај во 19 часот во салата „Макавејев“ на Југословенската кинотека во Белград. Македонското аудиовизуелно наследство, како и современата филмска продукција ќе ја претстави филмологот Дамјана Патчева од македонската кинотека од Скопје.

„Фросина“ е првиот македонски игран филм, по сценарио на писателот Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Премиерата е одржана на 28 јуни 1952 година во киното „Култура“ во Скопје. Снимен е во црно-бела технологија, на лента од 35 мм, во времетраење од 79 минути. Во чест на 70-годишнината од снимањето на ова извонредно дело се појавува реставрирана верзија, односно Blu-ray диск.

Жанрот на филмот е социјална драма за постоењето, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на мајката која го загубила своето единствено дете. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а останатите улоги ги толкуваат Ацо Јовановски (Климе), Петар Вељановски, Нага Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“.

Манифестацијата Денови на македонската култура во Белград, „Допир на Македонија“, е манифестација од особено значење за македонската национална заедница во Србија, се одржува по 13 пат во српската престолнина а традиционално ја поддржуваат Македонскиот национален совет, Министерството за култура на Република Србија и претпријатијата Алкалоид и Фудекс.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button